Живееме брз, динамичен живот и не обрнуваме внимание на секојдневните активности. Една од работите што често ја занемаруваме е начинот на исхрана. Но, како да ги навикнете децата да се хранат здраво?
Брзата храна, мрсна, солена, полна со конзерванси и адитиви е насекаде. Спакувана во убава, шарена амбалажа, ја прави и уште попривлечна за децата. Задачата да развиете навика за здрава исхрана кај децата е многу тешка, но не и невозможна.
Бебињата до четвртиот месец имаат само рефлекс за цицање, а по петтиот месец учат да џвакаат и да голтаат. Затоа, најдобро е навиката за здрава исхрана да им ја создадете уште од самиот почеток. Нутриционистите препорачуваат бебињата да се хранат со домашно припремена храна, разновидна, богата со хранливи материи. Нормално е на почетокот да не ги прифаќаат сите вкусови, но не се откажувајте. Почекајте неколку денови и понудете им го истото. Важно е да знаете дека на децата им се потребни 10 до 15 пати за да прифатат нова намирница. Не ги присилувајте на храна која не сакаат да ја јадат во моментот, но секогаш кога ќе прифатат нова храна пофалете ги. Малите деца дури и кога уште не зборуваат, ја чувствуваат емоцијата по бојата и интонацијата на гласот.
Можете и да пробате да им сервирате во интересни чинии, а храната да ја правите во облици што ќе будат интерес кај вашите најмили, се додека не се навикнат на здрава исхрана, за да не мора да ги залажувате.
Најважно од се – бидете им пример! Велат децата се огледало на родителите. За тоа се одговорни гените, но и тоа што децата ги копираат родителите – движењата, мимиките, начинот на зборување, па и навиките. Детето сака да јаде она што јадет и родителите. Регулирајте го Вашиот начин на исхрана и хранете се здраво, за да може да очекувате дека детето ќе сака да се храни исто така.
Здравата исхрана е корисна за секоја индивидуа, без разлика на возраста. Избегнувајте храна полна со адитиви и конзерванси, јадете свежи производи, полни со витамини, минерали, хранливи влакна и сите материи потребни на телото за нормално функционирање.
И секогаш имајте превид дека здравиот начин на исхрана се одразува на здравјето и на правилниот начин на раст и развој на децата!