Што да јадете пред вежбање?

Вежбањето е важно за убаво обликувано тело, но сепак исхраната е клучна за постигнување на посакуваните резултати. Не за џабе се вика дека здрав живот значи 70% храна и 30% вежбање. Оброкот после тренинг е најважниот оброк во денот и тоа веќе го кажавме.

Но, што е со оброкот пред тренинг?

Многу луѓе постапуваат погрешно кога е во прашање храната пред вежбање, што од друга страна може да влијае на ефективноста на вежбањето.

Дали треба да се јаде непосредно пред вежбање и која храна е најдобро да се јаде пред тренинг?

Ви нудиме одговори во продолжение.

Храната им дава енергија на клетките и го овозможува клеточното дишење од кое се добива енергијата која ја користиме за движење на телото, вршење на многу метаболични процеси, раст, развиток и сл.

Процесот на обработка на храната и добивање на молекули кои ги користат клетките за добивање на енергија трае подолго. Од овде потекнува и прашањето колку време е доволно енергијата од оброкот да се претвори во енергија која телото може да ја користи?

  • Времето потребно клетките да добијат енергија од оброкот зависи од типот на храната која ја внесуваме. Храна која содржи сложени јаглехидрати како овес, компир, грав, грашок, леќа, протеини и сл. не предизвикува нагло покачување на инсулинот и многу поспоро ја ослободува енергијата која ја содржи во себе. Таквата храна е идеална за оние кои вежбаат, затоа што клетките константно и во подолг временски период добиваат енергија.
  • Храна која содржи брзи шеќери кои ја ослободуваат енергија веднаш и предизвикуваат нагло покачување на нивото на инсулин во крвта предизвикува моментално чувство на енергија кое трае многу кратко. Високото ниво на инсулин предизвикува последователен пад на нивото на глукоза во крвта после краток период што повторно предизвикува напад на глад и желба за некој брз шеќер.

Дали од овде можеме да го добиеме одговорот на прашањето колку време треба да јадеме пред оброк и каква храна да јадеме?

Најдобро е да јадете 2-3 часа пред вежбање и тоа да биде оброк кој ќе изобилува со сложени јаглехидрати или пак со протеини.

Доколку јадете храна со сложени јаглехидрати или пак храна која содржи протеини 1 час пред вежбање ќе се чувствувате надуено и нема да имате енергија затоа што храната нема да биде во целост обработена од телото.

Ако сметате дека ќе немате енергија да го издржите тренингот или пак ако вежбате кардио тренинг внесете во телото храна која содржи брзи шеќери. Изедете 1 ред чоколадо, 1 банана или пак 1-2 бомбици со урми околу 1 час или 30 минути пред тренинг. Оваа храна ќе ви даде инстант енергија и ќе ви овозможи полесно да го издржите вежбањето.

Заклучок:

  1. Јадете минимум 2-3 часа пред тренинг и изберете храна која содржи сложени јаглехидрати или пак протеини (парче месо со салата, варен компир со салата или пак вариво од грашок или леќа.
  2. Непосредно пред тренинг за повеќе енергија каснете еден ред чоколадо, една лажица мед, една банана, малку суво овошје или пак 1-2 енергетски бомбици кои сами ќе ги подготвите.

За крај не заборавајте дека:

ОБРОКОТ ПОСЛЕ ТРЕНИНГ Е НАЈВАЖНИОТ ОБРОК ВО ДЕНОТ!

За да го зголемите ефектот од физичката активност никако и никогаш не практикувајте да не јадете после вежбање. Оброкот после тренинг потребно е да содржи:

  • протеини (да овозможите синтеза на протеини во мускулите),
  • јаглехидрати (да го надополните количеството на потрошен гликоген).